DeluxeAuto

2020 ŠKODA KAMIQ: Пристигна третиот и најмал SUV од Чешка

Kamiq значително се разликува од поголемите браќа Karoq и Kodiaq, фокусирајќи се на помладата популација, како што е, на пример, во хиерархијата на Volkswagen T-Cross поурбан модел од Tiguan.

Kamiq има остри линии, следејќи ги дизајнерските правци на новите модели на Škodа, но со изменет распоред на светлосните групи – горните тесни фарови служат како дневни светла со покажувачи на правци, додека долните се долги светла.

Должината на 2020 Škoda Kamiq е 4,24 метри со големина на багажник од 400 литри, што со соборување на задната клупа се зголемува на 1.395 литри.

Што се однесува до внатрешноста тука нема ништо ново, Kamiq го презема ентериерот од новиот компактен хечбек Scalа, каде се истакнува потполно дигитална 10,2-инчна контролна табла и мултимедијални системи со големина зависно од пакетите на опременост.

Кога е во прашање погон, за тоа се задолжени стандардни агрегати од VW групацијата, со 1.0-литарскиот 3-цилиндричен турбо бензинец со 115 кс во основа.

Посилната варијанта е 1.5-литарскиот TSI 4-цилиндраш со 150 кс, а достапен е и 1.6-литарски TDI со 115 кс. Škoda подготви и еден исклучително економичен погонски систем на компримиран природен гас.

Со доплата купувачите можат да добијат автоматски DSG менувач со двојно квачило, а погон на сите тркала не се нуди.

Škoda Kamiq ќе дебитира во Женева следната недела, а продажбата започнува годинава.


Category: